Вечерва од 19 часот, македонската кошаркарска репрезентација ги почнува претквалификациите за Европското првенство во 2029 година, а противник е Азербејџан со кого првпат ќе играме во историјата.
Противникот е од најдолниот ешалон, не само сега, туку и откако има репрезентација и со исклучок на натурализираните кошаркари, нема ниедно познато име во европски рамки. Веројатно така ќе остане и во иднина бидејќи државната стратегија во оваа земја е малку чудна.
Последните години во Азербејџан како тренер работи македонскиот стручњак Николче Божиновски, во минатото дел од македонските младински репрезентации, а сега самостоен тренер. Пред две сезони го водеше Сабах кој доминира во тамошното првенство, а во моментов го води Нахчиван со кого е на втората позиција во својата група од шампионатот. Божиновски ја пренесува атмосферата вов азербејџанската кошарка во моментов.
„Клупската кошарка во Азербејџан е во голем подем и последните години, клубовите од оваа земја се редовни учесници во европските купови. Државата ги финансира сите клубови кои немаат апсолутно никаков трошок, инвестициите се огромни и навистина е задоволство е да се работи тука бидејќи, за разлика од Македонија, нема доцнење на платите, нема никакви финансиски проблеми и сите можеме да се насочиме само на кошарката.
Сепак, ситуацијата е многу чудна затоа што државата инвестира, а клубовите немаат обврска да форсираат домашни играчи. Тоа создава проблеми за репрезентацијата бидејќи во лигата играат квалитетни странци, за сметка на домашните кошаркари. Секоја екипа може да има колку сака странски играчи, но на терен во исто време можат да играат ‘само’ четворица. Сите екипи максимално го користат тоа правило, па домашните кошаркари се во втор план, служат само колку да пополнат место и буквално играат во страв. Како последица на тоа, нема квалитетни играчи во репрезентацијата и без разлика на големите вложувања во кошарката, не се вадат кошаркари за националниот тим. Освен тоа, нема младински лиги, лани почнаа со У12, но останатите генерации немаат простор за усовршување и мора да чекаат до сениорска кошарка за да заиграат“, вели Божиновски.
Азербејџан никогаш не играл на големи натпреварувања и постојано е во првата фаза од претквалификациите. Сега е во група со Македонија, Ирска и Луксембург каде јасно дека е аутсајдер и реално би требало да заврши на третата позиција.
„Последните години Азербејџан имаше квалитетни натурализирани кошаркари, играа Ледеј и Хол, а сега има нов играч во Весли ван Бек кој ќе дебитира во Скопје. Тој не е стандарден во Тенерифе, односно нема голема минутажа и не верувам дека може да направи некоја голема разлика. Македонија е апсолутен фаворит на денешниот натпревар, квалитетот е далеку на страната на нашата репрезентација и без да го потценам Азрбејџан, очекувам убедлива победа“, додава Божиновски.
Најдобар азербејџански кошаркар во моментов е Орхан Ајдин кој настапува во Турција, но тој не допатува во Скопје и нема да настапи на вечерашниот дуел.


