Екипата на Пелистер поведе со 1-0 во серијата за третото место во Суперлигата откако денеска славеше на гостувањето кај ТФТ со 109-87.
Серијата за бронзениот медал во првенството се игра во случај да се отвори место за специјална покана во АБА 2 лигата бидејќи предност да учествуваат во ова натпреварување идната сезона би имале финалистите Маџари и МЗТ Скопје.
Пелистер денеска доминираше во текот на целиот меч, додека ТФТ беше во водство само со 3-2 и 6-4. Во осмата минута беше 23-12 за гостинскиот тим, нешто подоцна 30-16 за во вториот период ТФТ да се доближи на само еден поен негатива (31-32), подоцна и со 35-36, но не успеа да го сврти резултатот во своја корист. Отпорот беше скршен меѓу третата и последната четвртина кога Пелистер направи серија од 10-0 и отиде на недостижни 87-71 за последните минути да останат само формалност и можност битолчани уште еднаш сезонава убедливо да го совладаат ТФТ.
Вилсон беше најефикасен со 27 поени, Џенкинс додаде 26, но одличен натпревар одигра Малешевиќ кој беше блиску и до трипл дабл сон 24 поени, 10 скока и седум асистенции. За ТФТ, кој го претрпе седмиот пораз во низа во сите натпреварувања, Гордон беше најефикасен со 21 поен.
Пелистер има шанса на вториот натпревар, на домашен терен да стави точка на серијата и да го освои третото место.


