Екипата на Пелистер е освојувач на третото место во македонската кошаркарска Суперлига откако во „мајсторката“ од серијата со ТФТ, во Скопје славеше со 90-86.
Сите три натпревари од оваа серија завршија со победи на гостинските екипи, а последните два беа мошне драматични и се решаваа во последните секунди, претходниот и со продолжение. Пелистер со ова си обезбеди предност ако се отвори можност три македонски екипи да учествуваат во АБА 2 или ако некој од финалистите се откаже од учество во регионалното натпреварување.
Битолчани беа нешто поактивни денеска, водеа и со 12 поени разлика и покрај тоа што на шест минути пред крајот ТФТ имаше 77-71. Пелистер потоа направи серија од 17-4 и не само што го презеде водството, туку и направи недостижна предност.
Дамјан Крстевски го одигра најдобриот натпревар сезонава, постигнувајќи 23 поени (просекот му е 4,8) со осум скока, а двоцифрен број поени имаа и останатите стартери на Пелистер. Тренерот Боро Даскаловски играше со само шестмина кошаркари бидејќи воопшто на теренот не стапнаа стандардните Дејвис, Лука Стојановски и Митревски. Слично беше и во тимот на ТФТ за кого не играа Говенс и Николов, а повторно најдобар беше Ташовски со 29 поени.


