На помалку од еден месец до крајот на регуларната сезона во НБА, повторно се разгореа тензиите меѓу Милвоки Бакс и Јанис Адетокунбо околу тоа дали двократниот МВП треба да ги игра преостанатите 14 натпревари.
Според „Атлетик“, Бакс јасно му ставиле до знаење на својот играч дека би било најдобро за сите тој да не игра до крајот на сезоната, бидејќи Милвоки има големо заостанување зад Шарлот Хорнетс во трката за последното место во плејинот. Сепак, Адетокунбо без размислување ја одбил понудата и порачач дека нема намера да ја заврши сезоната предвреме. И покрај тоа што пропушти 32 натпревари поради повреда, Гркот категорично потврдил дека сака да игра.
Во последните 24 часа се одржаа неколку состаноци на таа тема, откако на Јанис му беше дијагностицирана повреда на коленото. Не е исклучено претстојните 14 натпревари да бидат последни за грчкиот ас во дресот на Милвоки каде ја помина целата досегашна НБА кариера.


