Првата ѕвезда на Мајами Хит, Џими Батлер официјално побарал да биде разменет по безмалку шест години во екипата од Флорида.
Тој тоа го направил службено, преку својот менаџер, но и по синоќешниот меч против Индијана призна дека не планира да остане во Мајами.
„Сакам повторно да бидам среќен кога играм кошарка. Каде и да е тоа, ќе дознаеме наскоро. Овде сум среќен надвор од теренот, но сакам да бидам повторно доминантен, да играм и да му помогнам на тимот да победува, а во моментов не го правам тоа. Веројатно повеќе не можам да бидам среќен на теренот во дресот на Мајами“, рече Батлер по мечот со Индијана.
Без разлика на неговата желба, Батлер веќе има 35 години и се наоѓа на залезот на кариерата. Во Мајами е од 2019 година, претходно шест сезони помина во Чикаго и по една во Минесота и Филаделфија. Шпекулациите за негово можно заминување почнаа пред околу еден месец и тогаш менаџерот на Батлер остро ги нападна медиумите дека шират шпекулации и дезинформации, тврдејќи дека неговиот клиент е среќен во Мајами што, очигледно, не било случај.


