Ветеранот во словенечката репрезентација Зоран Драгиќ го напушти кампот на националниот тим на две недели пред почетокот на Европското првенство поради конфликт со селекторот Александер Секулиќ.
Приказната во јавност ја пушти сопругата на кошаркарот, Светлана Драгиќ која го обвини селекторот за лошата атмосфера во репрезентацијата. Драгиќ неодамна објави дека ќе ја заврши репрезентативната кариера по Европското првенство, но по неделниот меч против Германија во Манхајм, решил тоа да го направи еден месец порано.
„Квази селекторот не го прецртал Драгиќ, Зоки сам го напушти тој циркус кој трае веќе неколку години и со тоа веројатно му ја олесни работата на господинот кој не знаеше како да го избрка од тимот. Младите заслужуваат да добијат шанса да играат, а на останатите долгогодишни членови им посакувам својот репрезентативен пат да го завршат на достоинствен начин, со барем малку благодарност од раководството на Сојузот“, напиша, меѓу другото, Светлана на социјалните мрежи.
По спомнатиот натпревар против Германија, Драгиќ го прашал селекторот зошто играл само три минути, а добил одговор дека тој не може да ѝ помогне на репрезентацијата. Освен тоа, Секулиќ постојано потенцира дека во комбинација за настап ќе бидат кошаркарите кои се во најдобра форма, без разлика на нивниот стаж и придонес во репрезентацијата, со други зборови, нема повеќе живот на стара слава.
Зоран Драгиќ има 36 години и е член на репрезентацијата од 2011 година. Досега одигра 77 натпревари за националниот тим со што се наоѓа на петтото место на вечната листа.


