Поранешната суперѕвезда на Мајами Хит, Џими Батлер првпат гостуваше кај својот некогашен тим по трејдот во Голден Стејт и не си помина убаво.
Иако од неговото доаѓање, Вориорс бележеа одлични резултати и се искачија во плејоф зоната, ноќеска немаа одговор за расположениот противник кој славеше со 112-86. Батлер беше пријатно пречекан од навивачите на Мајами кои не му забораваат дека во 2020 и 2023 година го однесе тимот во големото финале, но на теренот, кошаркарите немаа милост.
Мајами отвори со 7-0 и ниеднаш потоа не се најде во негатива, ниту пак резултатот беше израмнет. Во второто полувреме предноста на домаќините постојано беше двоцифрена, а капак беше последната четвртина која Хит ја доби со 29-16, колку да го запечати дебаклот на Голден Стејт.
Триото Адебајо-Хиро-Буркс блескаше и заедно постигна 64 поени за Мајами. Куминга со 15 беше најефикасен кај Голден Стејт, Батлер постигна само 11 за безмалку 29 минути во игра, а кај Вориорс не играше Стеф Кари поради повреда.
РЕЗУЛТАТИ
Шарлот – Орландо 104-111
Детроит – Сан Антонио 122-96
Мајами – Голден Стејт 112-86
Њујорк – Далас 128-113
Хјустон – Атланта 121-114
Јута – Мемфис 103-140
Портланд – Кливленд 111-122
Сакраменто – Оклахома 105-121


