Плејмејкерот на Партизан, Карлик Џонс испрати порака преку социјалните мрежи чија намена остана непозната, но упатените тврдат дека е насочена кон Партизан.
Белградскиот клуб досега има осуммина играчи кои заминале, а ниту едно засилување не е официјализирано. Моментално, само Џонс, Жофри Ловерњ, Аријан Лакиќ, Тоње Џекири, Марио Накиќ и Урош Мијаиловиќ се под договор за претстојната сезона.
Поранешниот европски шампион им се заблагодари на Стерлинг Браун, Двејн Вашингтон, Ник Калатес, Дилан Осетковски, Исак Бонга, Алекса Раданов, Шеик Милтон и Бруно Фернандо. Кратко по објавата дека и анголскиот центар ги спакувал куферите, следеше порака од американскиот организатор на играта.
„Што правиме?! Дали сум единствениот што мисли дека ова е лудост?“, праша репрезентативецот на Јужен Судан на својот Инстаграм профил.
Наводно, црно-белите досега постигнале договори со Кајл Олмен, Кевариус Хејс, Дерек Вилис и Никола Танасковиќ. Станува збор за засилувања со сомнителен квалитет за нивото на Евролигата, кои најверојатно не би имале улога на носители на играта.


