Откако комплетира четврт век постоење и првпат го одржа Ф4 во Обединетите Арапски Емирати, Евролигата од оваа сезона ќе испише нови страници во својата богата историја.
Од сезоната 2025/26, бројот на тимови што учествуваат во елитното европско клупско натпреварување ќе се зголеми на 20. Ова значи дека „ѓаволските“ недели сега ќе бидат десет, бидејќи место 34, ќе се играат 38 кола. Кампањата почнува вечерва со шест натпревари, дебитант е Хапоел Тел Авив, кој минатата сезона триумфираше во Еврокупот, но најголемата новина е влезот на Дубаи, прв клуб од ОАЕ во Евролигата. Дубаи БК си обезбеди петгодишна специјална покана, додека Валенсија, Партизан, Црвена Звезда од Белград и Виртус го зацврстија своето присуство во натпреварувањето за уште три години.

Евролигата ќе кулминира во периодот меѓу 22 и 24 мај кога во Олимписката арена во Атина ќе се одржи завршниот турнир. Дотогаш претстојат многу возбудувања и натпревари во можеби најизрамнетата сезона во историјата на Евролигата.

Атинските гиганти важат и за најголеми фаворити за титулата, заедно со актуелниот шампион Фенербахче, а од втор план, шанса ќе чекаат Реал, Анадолу Ефес и вицешампионот Монако. Ќе биде интересно да се види како ќе се снајдат белградските клубови, а јасно е дека ќе има многу промени поради повреди, предизвикани од ужасно згуснатиот и напоред распоред.


