Со дуелот против Вршац на домашен терен, македонскиот шампион МЗТ Скопје вечерва почнува нова епизода во АБА 2 лигата.
По ланската неуспешна сезона, во која тимот од Аеродром не успеа да стигне до плејофот, годинава целта е не само да се дојде до разигрувањето, туку и да се обезбеди место во елитната конкуренција. Иако АБА 2 често е потценета, конкуренцијата во ова натпреварување сезонава е нешто помала, пред се поради тоа што српските екипи сега не се во комбинација за пласман во повисок ранг, а има и пет босански претставници од кои повеќе од половина не се на нивото на АБА 2. МЗТ Скопје ќе игра со три од нив во лигашкиот дел и има добри шанси да собере голем број бодови.
Најзвучно име во ова друштво секако е поранешниот европски шампион Цибона, но најавено е дека загрепскиот тим во АБА 2 ќе игра со „втор“ тим, со цел да ги сочува играчите за натпреварите во домашното првенство и ФИБА Европа купот. Домжале стандардно е квалитетен и со високи амбиции, а тука е и Војводина, но во драстично изменет и подмладен состав во однос на минатата сезона.
Прв противник на МЗТ Скопје ќе биде српскиот прволигаш Вршац кој летово доживеа целосна промена на ростерот откако си отидоа дури 11 кошаркари. Екипата, генерално е млада, без големо искуство на меѓународна сцена и тоа ќе биде најголемата шанса на МЗТ Скопје на денешниот натпревар. Аеродромци со години играат во состав со малку измени, добро ја познаваат АБА 2 лигата и ќе се обидат тоа искуство да го искористат и да се вратат во елитното друштво.
На шампионот му е потребна голема поддршка од трибините, па одлучи влезот на денешниот натпревар да биде бесплатен. Дуелот меѓу МЗТ Скопје и Вршац почнува во 20 часот. Вториот македонски претставник ТФТ, својот прв натпревар од новата сезона го игра на 13 октомври против Цибона во Загреб.
Во новата сезона во АБА 2 лигата ќе се игра по нов формат, преземен од фудбалската Лига на шампиони. Секоја екипа доби осум ривали, бодовите се собираат, а пласман во плејофот обезбедуваат најдобрите осум.


