МЗТ Скопје и Васко Атанасов ја прекинаа меѓусебната соработка. Аеродромци преку официјално соопштение потврдија дека разделбата со досегашниот шеф на стручниот штаб е спогодбена, со што завршува една од најуспешните тренерски приказни во поновата историја на клубот.
Атанасов ја презеде тренерската палка во 2023 година и веднаш почна да испишува значајни страници во клупската историја. Уште на почетокот од својата самостојна тренерска кариера се запиша во историјата на македонската кошарка како најмладиот стратег кој стигнал до шампионската титула.
Во изминатите три години, младиот стручњак освои дури 11 трофеи со МЗТ Скопје, потврдувајќи дека еден од најуспешните периоди на клубот е поврзан токму со неговото име.
Под негово водство, „металците“ четири пати по ред ја освојуваа шампионската титула во македонското првенство – во 2023, 2024, 2025 и 2026 година. На тоа се надоврзуваат три трофеи во Купот на Македонија (2024, 2025 и 2026), како и четири Суперкупа (2023, 2024, 2025 и 2026).
МЗТ Скопје најави дека името на новиот прв тренер ќе биде соопштено во наредните денови. До тогаш, екипата ќе ја водат досегашните помошници на Атанасов, Дејан Србиновски и Тино Даневски.


