По завршувањето на Купот на Македонија следува двонеделна пауза во домашната клупска кошарка, а некои од екипите ќе го искористат овој период да ги засилат своите ростери пред главната фаза од сезоната.
КОШ.МК неофицијално дознава дека американскиот кошаркар Тим Далгер до крајот на сезоната ќе биде член на Чаир и ќе се обиде да му помогне на тимот да обезбеди што подобар пласман и остане колку е можно подолго во плејофот. Станува збор за крилен играч, висок 201 сантиметар, кој до минатиот месец настапувал за Сент Луис Универзитетот во НЦАА, но си заминал оттаму кон крајот на јануари и Чаир ќе му биде прв професионален клуб во кариерата.
Во дресот на Сент Луис, Далгер просечно постигнувал по 9,7 поени и 4,1 скок. Со неговиот ангажман, чаирчани ја пополнија квотата за странски кошаркари бидејќи веќе ги имаат Недим Мустафица, Давел Роби и Бревин Галовеј.


