Кошаркарскиот клуб Чаир излезе со демант во врска со прекинот на натпреварот против МЗТ Скопје, одигран синоќа.
Актуелниот шампион објави дека кошаркарите и стручниот штаб биле нападнати на патот кон и во соблекувалната, но од Чаир тврдат дека такво нешто не се случило.
„Супер натпревар, брилијантна атмосфера, полна сала и вечер која ќе остане долго во нашето сеќавање затоа што се потврди дека Чаир е храм на спортот.
Што се однесува до лажните информации што се појавија во јавноста, целосно демантираме со доказ дека натпреварот се снима од сите агли и од многу медиуми. Таканаречениот ‘инцидент’ е измислен од противничкиот тим и секогаш во моменти кога гледаат дека губат, тие лансираат нереални работи. Гарантираме дека немаше физички контакт во ниеден момент, како во однос на приемот, текот на натпреварот, така и при заминувањето од салата“, се вели во соопштението од Кошаркарскиот клуб Чаир.
Натпреварот беше прекинат на паузата меѓу двете полувремиња бидејќи од МЗТ Скопје одбија да се вратат на теренот. Натпреварот меѓу Чаир и МЗТ Скопје има големо значење за конечниот пласман на табелата бидејќи, меѓу другите, од него зависи кој ќе го заврши основниот дел од првенството на првото место.


