По неколкуте ангажирани засилувања ова лето, екипата на Чаир е на добар пат да ја врати својата голема ѕвезда од минатата сезона.
Како што неофицијално дознава КОШ.МК, пред кам-бек во Чаир е најдобриот стрелец од последната натпреварувачка кампања во Првата македонска кошаркарска лига Диванте Мофит кој играше во тимот само една полусезона, но остави одличен впечаток. Одигра само 13 натпревари по што направи трансфер во полскиот прволигаш Таурон, но до крајот на сезоната остана прв стрелец со просек од 22,9 поени на натпревар, а неговиот индекс изнесуваше 27,2.
Ако успее да го врати Мофит, Чаир ќе има фантастичен напаѓачки тандем бидејќи веќе е ангажиран Тејвион Кирк кој минатата сезона беше прв стрелец во шампионатот на Азербејџан каде просечно постигнуваше по 23,9 поени.


