Комесарот за натпреварување при Кошаркарската федерација на Македонија, Александар Милојевиќ донесе одлука за прекинатиот натпревар меѓу Чаир и МЗТ Скопје.
Двете екипи се парично казнети со тоа што чаирчани треба да платат вкупно 60 илјади денари од кои 40 илјади за лоша организација и 20 илјади за техничкиот раководител Алајдин Мустафа кој има забрана за вршење на должноста до крајот на сезоната. МЗТ Скопје е казнет со 30 илјади денари поради предизвикување прекин, подолг од 15 минути.

Она што е најважно, натпреварот ќе се доигра во текот на утрешниот ден, без присуство на публика, а домаќинот – Чаир треба да го одреди терминот најдоцна до вечерва. Натпреварот ќе продолжи со второто полувреме откако првото заврши со резултат 42-44.
МЗТ Скопје вчера одби да го одигра второто полувреме откако претставници на клубот тврдеа дека играчите и стручниот штаб биле нападнати во поттрибинскиот простор.


