Чаир дојде до уште еден историски триумф откако денеска ја оствари првата плејоф победа во своето кратко постоење.
Тимот кој ја игра втората сезона во елитната конкуренција од македонската кошарка, поведе со 1-0 во четвртфиналната серија од домашниот плејоф откако по голема драма, вечерва го совлада ТФТ со 81-78. До триумфот дојде и покрај тоа што противникот водеше со 17 поени разлика во втората четвртина, а во последната влезе со +10. На седум минути пред крајот беше 73-60, а потоа дојде до неверојатен пресврт.

Повеќе од шест минути, ТФТ не успеа да постигне поен, домашниот тим го искористи тоа и со серија од 14-0 го презеде водството, а во драматичниот финиш ја сочува предноста и излезе како победник. Најважниот момент се случи на 16 секунди пред крајот, при водство на Чаир од 78-77 кога Верц лошо изведе од страна, Далгер ја украде топката и со забивање го однесе својот тим на +3. Зафиров во последната секунда можеше да донесе израмнување, но неговиот обид од средината на теренот заврши во обрачот.
Роби со 20 поени го предводеше Чаир, Далгер постигна 19, а Галовеј 17. Кај ТФТ, Верц беше најефикасен со 17 поени.


