Еден од најмладите прволигаши во земјава Чаир неделава ќе отвори ново поглавје во својата историја со настапот во Купот на Македонија.
Тренерот Ерхан Рамадан како играч имаше можност да учествува во тоа натпреварување, но сега ќе биде во нова улога и очекува успех.
„Чаир е првпат на завршниот турнир иако и лани заслуживме да се најдеме тука, но од административни причини не се случи тоа. Еуро Никел е единствен тим кој не победи на наш терен оваа сезона. Знаеме што не очекува, во добра форма сме со три триумфи по ред и сметам дека имаме што да кажеме во Битола“, рече Рамадан.
И босанскиот интернационален во редовите на чаирчани Недим Мустафица е со високи очекувања.
„Со задоволство се враќам во Битола, му честитам на организаторот и не се сомневам дека се ќе помине во најдобар ред. Го почитуваме Еуро Никел, тоа е состав со исклучително квалитетни играчи, но ние веруваме во своите можности и во Битола не одиме со бело знаменце. Ќе бидеме тука да се претставиме во најдобро издание и да ја бараме својата шанса за пласман во полуфиналето“, рече Мустафица.


