Барем до утре, Чаир ќе биде на делба на втората позиција на табелата, по денешниот лесен и убедлив триумф на гостувањето кај Кожув со 86-70.
Чаирчани одиграа уште еден одличен натпревар и на најдобар начин се подготвија за завршницата од Купот на Македонија каде ќе учествуваат првпат во кратката историја на клубот. Ниеднаш во текот на 40. минути не беа во негатива, а највисоката предност им изнесуваше 23 поени разлика.

Се беше решено уште на крајот од првото полувреме кое Чаир го доби со 47-27, а пред се благодарение на втората четвртина која му припадна со 25-10. Отвори со 9-0, по само пет минути беше 14-2, а Кожув успеа некако да се одржи само до крајот на воведниот период. По серијата од 12-0 кон средината на втората четвртина, гостите отидоа на 40-21. По највисоките 50-27 на стартот од второто полувреме, најмногу што успеа да се доближи Кожув беше -9.
Галовеј постигна 23 поени за Чаир и беше најефикасен во својот тим, додека Какруки додаде 21 поен со 8 скока. Кај Кожув, новото засилување Милер реализира 18 поени, а само уште Слејтер со 12 беше двоцифрен за гевгеличани кои го претрпеа седмиот пораз во низа.


