Претседателот на Кошаркарската федерација на Македонија, Перо Антиќ престојува во Милано каде што вечерва ќе го следи во живо дуелот меѓу Олимпија и Париз, во рамките на второто коло од Евролигата.
Тоа ќе биде директен дуел на македонските репрезентативци Ненад Димитријевиќ и Ти Џеј Шортс што е и главната причина за присуството на Антиќ. На прес-конференција пред две недели, првиот човек на Федерацијата најави дека ќе замине во Милано за да разговара со раководството и стручниот штаб на Олимпија околу можноста Ненад Димитријевиќ да настапи на претстојните квалификациски дуели против Литванија, во ноември. Воедно, тоа е можност да се зборува и со Шортс, како и со стручниот штаб на Париз.
Во експедицијата на Кошаркарската федерација, покрај претседателот Перо Антиќ се уште и селекторот Александар Јончевски, генералниот секретар Владимир Георгиевски и спортскиот директор Марјан Србиновски.


