Иако испадна од трката за место во А-дивизијата, македонската кадетска репрезентација продолжува да игра максимално ангажирано на Европското првенство во Скопје.
Вечерва, по голема борба, нашите млади кошаркари ја победија Данска со 70-67 и си обезбедија најмалку 12. место во конечниот пласман. Секако, главна цел во моментов е деветтата позиција која е реално да биде наша на крајот од шампионатот.
Денешниот натпревар почна лошо за македонската репрезентација која во осмата минута губеше со 4-15, а на крајот од првата четвртина беше 8-15. Во вториот период сосема поинаква слика, Македонија ја најде својата игра и до полувреме не само што ја надополни негативата, туку на голем одмор замина со предност од 29-27. Во вториот дел целосно доминираше македонската селекција која во последната четвртина ги достигна највисоките +16 (56-40), но малку недостасуваше сето тоа да го фрли во вода.
Нашите играчи застанаа и Данците го искористија тоа за да ја стопат негативата и да се доближат на 65-68 во последната минута во кој имаа и напад за израмнување. За наша среќа, дојдоа на само -1 (67-68), па Сребров во финалните секунди го постави конечниот резултат.
Цветковски со 15 поени беше најефикасен во македонската селекција, а Филип Сребров го одигра својот најдобар натпревар на првенството, постигнувајќи 14 поени со 4 тројки од 7 шута.


