Екипата на Чаир ја оствари четвртата победа во низа откако вечерва на домашен терен славеше во дуелот со Гостивар со 89-78.
Со тоа чаирчани дотуркаа до третото место на табелата (во моментов се втори, но ќе паднат на третата позиција откако утре Работнички ќе го одигра својот натпревар, без разлика на исходот) и во последните четири кола од основниот дел влегува со големи шанси да завршат во топ-4.
Гостивар многу подобро го почна натпреварот, поведе со 16-5 на средина од првата четвртина, но веќе до крајот на периодот Чаир израмни на 20-20. По серијата од 10-0, домашниот тим поведе со 30-22, за гостиварци привремено да се вратат во водство од 42-39 во финишот од полувремето. Со нова серија, сега од 14-0 , Чаир отиде на 53-42, но кога се чинеше дека се е решено околу победникот, пак Гостивар дојдоа до предност пред крајот на третиот квартал.
Жестока битка се биеше до три минути пред крајот на мечот, а потоа Чаир со осум поени по ред отиде на недостижно 85-73 и Гостивар овој удар не можеше да го амортизира.
Цела прва петорка на Чаир имаше двоцифрен ефект, Какруки беше најефикасен со 20 поени, а Мустафица оствари дабл дабл со 14 поени и 10 скока. Вилијамс беше незадржлив за домашниот, постигнувајќи 36 поени, додека Инграм заврши со дабл дабл од 20 поени и 16 скока.


