Викендов продолжуваат возбудувањата во плејофот од македонското кошаркарско првенство каде во три серии се играат третите, а во една вториот натпревар.
Теоретски, можно е викендов да бидат добиени два полуфиналиста бидејќи Работнички и Пелистер водат со 2-0 против Феникс и Еуро Никел, но третите натпревари се играат на терените на екипите кои се во негатива. Феникс во првите два меча беше блиску до Работнички, имаше шанса за брејк, но потклекна во финишот. Еуро Никел на првиот дуел со Пелистер доживеа тежок пораз, во вториот беше блиску до сензационален пресврт, ама утре ќе се обиде да си ја продолжи сезоната. Серијата меѓу ТФТ и Чаир е единствена на која резултатот е 1-1 и на која сигурно ќе се игра четврти меч, а третиот е на програмата утре напладне во Кале.

За разлика од овие дуели, МЗТ Скопје и Гостивар денеска ќе го играат својот втор натпревар од четвртфиналето, поради обврските на тимот од Аеродром во АБА 2 лигата. МЗТ води со 1-0, а третиот меч ќе се игра идниот викенд кога, теоретски, е можно да бидат веќе познати останатите три учесници во полуфиналето.
Денеска се играат и натпреварите од второто коло на плејаут лигата каде уште сите четири екипи имаат шанси за опстанок.


