Никој повеќе нема да го носи дресот со бројот 1 на Чикаго Булс бидејќи франшизата од Илиноис донесе одлука да го повлече од употреба во чест на Дерик Роуз.
Иако помина 15 години во НБА лигата, својот најголем успех плејмејкерот го оствари токму со Булс во 2011 кога беше прогласен за МВП на сезоната како најмлад во историјата кој го понел ова признание. За жал, веќе следната година доживеа тешка повреда која му ја однесе кариерата во сосема друга насока и тој никогаш повеќе не заигра на истото ниво.
Првите осум сезони Роуз ги помина во Булс кои го избраа како прв пик на драфтот во 2008 година, а потоа играше и во Њујорк, Кливленд, Минесота, Детроит и Мемфис. Беше избран за дебитант на сезоната во 2009 година, три пати играше на Ол стар натпреварите, а во 2011 година, освен МВП признанието, беше избран и во идеалниот тим на НБА.
Роуз ќе биде петти кошаркар кому Чикаго Булс ќе му го повлече бројот од употреба. Пред него таква чест добија само уште Џери Слоун (бројот 4), Роберт Ерл Лав (10), Мајкл Џордан (23) и Скоти Пипен (33). Свеченоста по повод повлекувањето на бројот 1 ќе се одржи во текот на сезоната 2025/26, а датумот дополнително ќе биде одреден.


