Актуелниот претседател на Црвена Звезда, Небојша Човиќ идната недела официјално ќе биде избран за прв човек на Кошаркарскиот сојуз на Србија (КСС).
Неговиот избор е само формалност бидејќи вчера и денеска биле испратени 30 предлози од делегати на собранието на КСС. Со оглед на тоа што собранието брои 33 делегати, јасно е дека на 1 октомври Човиќ официјално ќе биде именуван за наследник на Предраг Даниловиќ.
Човиќ веќе беше претседател на највисокото кошаркарско тело во својата земја, но во 90. години од минатиот век кога тоа се викаше Кошаркарски сојуз на Југославија, а Србија беше во заедница со Црна Гора. Наскоро се очекува да бидат именувани и кандидатите за потпретседател и се очекува тоа да биде формализирано до крајот на оваа недела.
Српските медиуми тврдат дека поради изборот на Човиќ, нема да биде изненадување ако Светислав Пешиќ се премисли и остане на селекторската позиција во сениорската репрезентација.


