Три дена по завршувањето на финалната серија во АБА лигата, претседателот на Црвена Звезда, Небојша Човиќ упати уште една провокација кон својот вечен ривал Партизан.
На тапет сега се најде тренерот на „црно-белите“ Жељко Обрадовиќ кој изрази незадоволство од атмосферата која владееше во текот на финалето.
„Да го имав Жељко Обрадовиќ во овие три сезони и толку пари, ќе освоев барем една титула во Евролигата. Црвена Звезда е државен проект со 40 и повеќе процентни, но е транспарентен државен проект. Партизан е исто така државен проект, но не е транспарентен“, изјави Човиќ.
Под водство на Обрадовиќ, Партизан лани влезе во плејофот од Евролигата. Звезда само еднаш во својата историја играше во разигрувањето за титулата и тоа во 2016 година кога се играше по друг систем.


