Црвена Звезда вечерва официјално го прими шампионскиот пехар за освоената титула во српското првенство, а на прес-конференција се обрати претседателот на клубот Небојша Човиќ.
Тој зборуваше за целите на Звезда во новата сезона кои нема да бидат мали бидејќи клубот ќе се обиде да направи исчекор во однос на оваа натпреварувачка кампања.
„Целта е да се влезе во топ-8 во Евролигата за почеток, а што се однесува до АБА, домашниот Куп и првенството, се знае кои се амбициите. Не е лесно да се игра регионалното натпреварување, плус Евролига, а и домашните се многу тешки“, рече, меѓу другото, Човиќ.
Претстојната сезона ќе биде трета по ред во која Човиќ најавува борба за пласман во плејофот од Евролигата. Истото го зборуваше и претходните две години за потоа, среде сезона, откако стануваше јасно дека нема да бидат остварени целите, да вели дека никогаш цел на Звезда не била место во топ-8.


