Дисциплинската комисија на Евролигата ги изрече казните за претходниот период, а една од одлуките особено го привлече вниманието.
Станува збор за казната за кошаркарот на Макаби, Вејд Болдвин кој на натпреварот против Басконија направи тежок прекршок, а за тоа не доби суспензија. Прво фрли топка кон еден од судиите, а потоа му се внесе в лице и којзнае што ќе се случеше ако не го тргнеа соиграчите.
Место суспензија, Болдвин е казнет само парично, со 3.500 евра, а Евролига неговиот прекршок го опиша како „недостаток на почитување кон судијата при една ситуација“.
Интересно е тоа што потешка казна доби спортскиот директор на Партизан, Зоран Савиќ кој ќе треба да плати 5.000 евра поради, како што се вели, непочитување на член на судиската комисија на мечот против Виртус во Болоња.


