Репрезентацијата на Бугарија приреди сензација во второто коло од квалификациите за Европското првенство во 2025 година, совладувајќи го на домашен терен актуелниот светски шампион Германија.
Бугарите славеа со 67-62 за најголемото изненадување во првите два круга од квалификацискиот циклус. Клучна беше последната четвртина во која Бугарија направи пресврт и од -6 дојде до победата.
Пред крајот на третиот и почетокот на последниот период, Бугарите направија серија од 11-0, светскиот првак подоцна успеа повторно да го преземе водството, но во драматичниот финиш, домашната репрезентација успеа да се одбрани.
Играчот на Басконија, Коди Милер Мекинтаер беше најефикасен со 23 поени, вклучувајќи го и кошот со кој ја однесе Бугарија на +5 на седум секунди пред крајот. Оскар да Силва ја предводеше Германија со 15 поени.


