Денешното Собрание на АБА лигата помина прилично бурно што беше и очекувано ако се знае дека на дневен ред беа многу сензитивни теми.
Иако од организацијата не е официјално објавено, медиумите во регионот тврдат дека Цибона и Морнар претстојната сезона нема да играат во АБА лигата. Двата клуба беа подготвени да платат за специјална покана, но не и да ги платат сите трошоци кои ги носи натпреварувањето, како и трошоците во случај да не се пласираат во плејофот. Следувало гласањето во кое Партизан, Црвена Звезда, Олимпија, ФМП и Мега ги избркаа Морнар и Цибона. Против такво сценарио биле Будуќност, Дерби, Крка и Задар, а Игокеа била воздржана. Како што е познато, Морнар ја заврши сезоната во АБА на последното место, а Цибона загуби во баражот со Илирија и двата клуба, да немаше проширување на лигата, ќе беа автоматски веќе испаднати.
Сега е можно Цибона и Морнар да предизвикаат нови големи проблеми. Двата клуба се членови на сопственичката структура и можат да ја блокираат работата на АБА, а во таков случај, единствената опција која останува е гаснење на компанијата и отворање нова што се случуваше и во минатото. Така во лигата би учествувале најмалку 16 екипи, а извесно е дека ќе партиципираат Клуж и Виена. Не е исклучено во следниот период и овде да дојде до пресврт, како што беше со Босна која пред два дена објави дека нема да игра во АБА лигата, а денеска потврди дека ќе учествува.
Како што сега стојат работите, лига со 20 екипи е речиси невозможна бидејќи никој не сака во ова друштво да биде Хапоел Тел Авив, а и за овој клуб тоа е непотребен ризик затоа што треба да патува во Дубаи и Сараево каде постои изразено непријателско расположение против него.


