Првпат по формирањето на регионалното натпреварување, Цибона нема да игра во АБА лигата откако во баражот за опстанок загуби со 0-2 од словенечката Илирија.
Во вториот меч, на домашен терен, тимот од Љубљана славеше со 83-66, а прашањето за неговиот триумф не беше доведено во прашање во ниеден момент. Ова е кулминација на сите проблеми со кои се соочува Цибона последните години, клубот кој игра во АБА од нејзиното формирање пред 24 години долго време не беше конкурентен, а маките почнаа со освојувањето на единствената титула, во 2014.

Не е исклучено поранешниот европски шампион, сепак, да остане во елитната конкуренција со оглед на тоа што е договорено проширувањето, но неодамна излезе веста дека ако сака да остане, ќе мора да плати специјална покана која би изнесувала околу 300-400 илјади евра, а тие пари се премногу за клубот кој едвај наоѓа играчи за настап и пред почетокот на секоја сезона му се заканува гаснење.
На другата страна е амбициозниот проект Илирија кој го предводеше семејството Дончиќ. Таткото на Лука Дончиќ, Саша шест години беше тренер на овој тим и сега е генерален менаџер, а синоќа од првиот ред, тимот го бодреше лично кошаркарот на Лос Анџелес Лејекрс. Илирија ќе биде трет словенечки претставник во АБА, по Олимпија и Крка што е доволен доказ за напредокот на клупската кошарка во поранешната југословенска република. Во исто време, тимот од Љубљана е трет словенечки клуб со титула во АБА 2 лигата, по Крка која има две и Приморска која веќе не постои.


