АБА денеска го објави составот на екипи за втората лига која од новата сезона ќе се игра по изменет систем.
За разлика од претходните години, Македонија сега ќе има само два претставника и тоа шампионот МЗТ Скопје и вицепрвакот ТФТ. Постоеше можност да им се приклучи и МКК Куманово, но само ако Цибона го откаже своето учество што на крајот не се случи.
Поранешниот европски првак првпат во историјата нема да учествува во елитниот ранг на АБА откако во баражот за опстанок загуби од словенечкиот тим Илирија.

Екипите пред ждрепката се поделени во четири шешири со тоа што МЗТ Скопје се најде во вториот, а ТФТ во четвртиот. Во најсилниот шешир се Цибона, Морнар, Златибор и Војводина. Во новата сезона во АБА 2 лигата ќе се игра според системот од фудбалската Лига на шампиони, секоја екипа ќе се сретне со по две екипи од секој шешир со тоа што тимови од иста земја не можат да играат во лигашкиот дел.
Најдобрите осум ќе ги формираат четирите четвртфинални двојки кои потоа ќе играат до две победи. Шампионот оди директно во АБА лигата, а второпласираниот ќе игра бараж.


