Младиот француски интернационалец Адама Бал имаше бурен ден во САД откако вчера прво беше промовиран во член на Њујорк Никс, а нецел час подоцна доби отказ.
Во текот на летото, тој си замина од НЦАА каде беше член на Универзитетот Санта Клара и потпиша за Стразбур, но пред три недели го напушти овој клуб и одлучи да си ја бара среќата во НБА. Ноќеска во 2:16 часот по полноќ по средноевропско време потпиша за Никс, а во 3:12 е објавено дека добил отказ.

Ова е, всушност, мал административен маневар на франшизата во корист на 21-годишниот Бал. Тој потпишал т.н. Exhibit 10 договор кој овозможува кошаркарот да добие бонус меѓу 5.000 и 85.300 долари ако се обврзе да игра за филијалата во Развојната Г-лига и остане таму најмалку 60 дена.
Тоа значи дека Бал ќе настапува за вториот тим на Никс, Вестчестер, со можност во текот на сезоната да потпише „двонасочен“ договор и да игра за двете екипи.


