Работнички попладнево во Градски парк го пречекува Тиквеш, а пред почетокот на натпреварот, во главна улога е навивачката група на домашниот тим Сити Парк Бојс.
Денешниот меч е прв за центарци на домашен терен во новата сезона, па ЦПБ го искористија за патриотски пораки, во пресрет на денот на народноослободителната борба во Македонија – 11 Октомври.
„Од Вардар, Пирин, дур до Солуна, име ѝ е Македонија“, пишуваше на транспарентот на трибината на која се наоѓаат Сити Парк Бојс, а истите стихови и ги скандираа навивачите на Работнички.
Ова е уште една патриотска парола која ја истакнуваат навивачи во македонската кошарка откако во средата Фемили Аеродром истакна транспарент „Името твое свето ќе го браниме пред светот“ на мечот против Ираклис во ФИБА Европа купот. За тој транспарент, солунскиот клуб најави жалба во ФИБА.




