Лука Дончиќ очигледно има сериозни амбиции со новиот кошаркарски проект во Рим, а потврда за тоа е и најновото засилување во управувачката структура на клубот.
Рома СПКР доби двајца звучни советници – поранешниот НБА функционер Брајан Коланџело и членот на Куќата на славните и играч од првиот Дрим тим, Крис Малин. Двајцата ќе имаат советодавна улога и со своето искуство треба да помогнат во развојот на проектот.
Коланџело двапати беше прогласуван за најдобар извршен директор во НБА, додека Малин е една од најпознатите фигури во историјата на американската кошарка. Нивното ангажирање покажува дека Дончиќ и Дони Нелсон не сакаат Рома СПКР да биде само краткотраен проект, туку клуб кој постепено ќе се изгради во сериозна кошаркарска сила.
Дончиќ, заедно со Нелсон, веќе работи на создавање стабилна структура околу клубот, со луѓе кои имаат искуство не само на теренот, туку и во организацијата и бизнис-аспектот на професионалниот спорт. Проектот на Рома СПКР веќе привлече големо внимание во европската кошарка, а со вакви имиња во неговиот тим станува јасно дека амбициите на Дончиќ се многу поголеми од обично учество во европско натпреварување.


