Женската јуниорска репрезентација на Македонија го доживеа третиот пораз на Европското првенство Б-дивизија во Романија.
Во мечот од третото коло, нашите млади кошаркарки загубија од Велика Британија со 43-59, но повторно оставија солиден впечаток. Со исклучок на првата четвртина, беа рамноправен противник и со оглед на проблемите со повредите, одиграа повеќе од добар натпревар.
Клучна беше првата четвртина, поточно периодот меѓу првата и втората во која македонската репрезентација девет минути беше без постигнат поен, а Велика Британија направи серија од 17-0. Така, од 4-4, противникот отиде на 21-4, па во преостанатиот дел од мечот беше апсолутно израмнето.
Јана Пислевска беше убедливо најефикасна во македонската репрезентација со 16 поени, единствена со двоцифрен ефект. За Македонија претстојат два слободни дена, а в среда дуелот со Словачка во последното коло од групната фаза.


