Словенечкиот првак Олимпија ѝ ја продлабочи кризата на Црвена Звезда откко вечерва ја совлада во дербито на 22. коло од АБА лигата со 74-69.
Звезда го претрпе третиот пораз во последните четири меча во сите натпреварувања и со тоа ја пропушти шансата да ѝ се доближи на Будуќност откако црногорскиот претставник загуби од Мега. Во исто време, „црвено-црните“ ја направија невозможна мисијата да дојдат до првото место пред плејофот бидејќи сега имаат дури три порази повеќе од Партизан кој утре, ако го победи ФМП, може да направи недостижна предност.
Победата на Олимпија е апсолутно заслужена ако се знае дека словенечкиот тим водеше безмалку цел меч. Црвена Звезда постојано беше зад петите, знаеше да поведе накратко, но не и да ја задржи предноста. На три минути пред крајот домаќините поведоа со 70-62, Звезда потоа се доближи на 67-70, но не го направи финалниот чекор.
Овие две екипи би можеле да се сретнат и во првата рунда од плејофот имајќи предвид дека Звезда во моментов е третопласирана, а Олимпија е шеста. До крајот на основниот дел остануваат уште осум кола.


