Актуелниот шампион на Македонија, МЗТ Скопје го доживеа првиот пораз на терен оваа сезона откако вечерва загуби на гостувањето кај Кожув со 80-88.
Аеродромци се соочија со многу проблеми последните недели, надвор од стројот поради повреди се Војдан Стојановски, Андреј Магдевски и Андреј Маслинко и тоа се одрази на играта на овој тим кој во Гевгелија настапи со само осум кошаркари. Кожув сето тоа го искористи за исклучително важна победа во борбата за пласман во топ-6.
МЗТ на овој меч беше во водство околу една минута и тоа со 2-0 во првата и 36-35 во втората четвртина, Кожув на почетокот одговори со 13 поени по ред, а највисоката предност ја имаше на осум минути пред крајот кога поведе со 73-60. Гостите во последните минути не успеаја воопшто не успеаја да го загрозат водството на гевгеличани и на крајот мораа да им честитаат.
Родни Пурвис одигра извонреден меч, постигна 24 поени, седум скока и седум асистенции, Боуен оствари дабл дабл со 16 поени и 13 скока, а Бојчев додаде 14 поени. Мекејден го предводеше МЗТ Скопје со 18 поени, а за шампионот постои опасност повторно да го загуби првото место ако утре ТФТ на домашен терен го совлада Пелистер во дербито на 20. коло.


