Седум натпревари беа одиграни во НБА лигата во ноќта меѓу саботата и неделата, а во центарот на вниманието се најдоа Стеф Кари со нов историски рекорд и Виктор Вембанјама со уште една доминантна партија.
Голден Стејт ја продолжи победничката серија со триумфот над Орландо од 126-119 по продолжение, а најзаслужен за тоа беше Стеф Кари, кој одигра уште една фантастична средба. Искусниот плејмејкер постигна 41 поен, дополнети со шест скока и шест асистенции, а притоа постави нов рекорд во НБА-лигата. Кари стигна до 16 натпревари со најмалку 40 поени откако наполнил 35 години, со што го надмина досегашното достигнување на Леброн Џејмс.
Вориорс имаа предност од 16 поени, но Орландо успеа да се врати во игра и да избори продолжение со кошот на Џамал Кејн на 1,5 секунда пред крајот на регуларниот дел. Сепак, во дополнителните пет минути Кари повторно ја презеде одговорноста и го предводеше својот тим до победата. Погоди 13 од 19 шутеви од поле, пет тројки и сите десет слободни фрлања.
Франц Вагнер со 30 поени и 11 асистенции беше најдобар кај Орландо, но ниту неговиот ефект не беше доволен за прекин на негативната серија.
Виктор Вембанјама повторно покажа зошто важи за еден од најдоминантните кошаркари во лигата. Францускиот центар постигна 29 поени за само 24 минути на паркетот и беше прво име во убедливиот триумф на Сан Антонио над Портланд од 125-103.
Францускиот кошаркар шутираше одлични 9/13 од поле, вклучувајќи три погодени тројки од шест обиди. Девин Васел постигна 15 поени, додека Стефон Касл и Џулијан Шампањи додадоа по 14. Дени Авдија со 15 поени беше најефикасен кај Портланд.
РЕЗУЛТАТИ
Индијана – Денвер 102-114
Атланта – Бруклин 124-121
Кливленд – Њујорк 97-109
Оклахома – Вашингтон 114-75
Голден стејт – Орландо 126-119
Феникс – Хјустон 102-99
Портланд – Сан Антонио 103-125


