Поранешниот европски шампион Цибона уште нема лиценца за натпреварување и има забрана за регистрирање играчи, но и покрај тоа во петокот ги почна подготовките за новата сезона.
Прв тренер требаше да биде американскиот стручњак Крис Томас, но и тој не може да добие лиценца, па екипата ќе ја води поранешниот кошаркар на Работнички, Бариша Красиќ кој веќе беше во таква улога во неколку наврати претходните сезони, но привремено. Од минатата сезона, во тимот се Иван Перасовиќ и Домагој Вуковиќ, нови играчи се Лука Скориќ од Шибенка, Тони Рочак од Дубрава и Виго Барт од Шкрљево, но основата ќе ја сочинуваат тинејџери, односно играчи од школата.
Тројца од нив се на возраст од 17, а двајца на 18 години од што може да се заклучи дека амбициите на клубот нема да бидат високи, додека во АБА лигата ќе биде чудо ако тимот обезбеди опстанок. За да биде тргната забраната за регистрација на играчи, Цибона треба да ги исплати долговите од 600 илјади евра, а дали ќе се случи тоа, ќе се знае за неколку недели. До почетокот на новата сезона има нешто повеќе од еден месец.


