Во текот на денешниот ден АБА лигата излезе со соопштение во кое се вели дека судиската тројка на синоќешната „мајсторка“ меѓу Партизан и Будуќност го оштетила гостинскиот тим и директно влијаела на исходот, а со тоа и на учесникот во големото финале.
Неколку часа подоцна, одредени се судиите за првите два меча од финалето, а на нив ќе бидат присутни двајца од арбитрите кои го водеа вчерашниот натпревар. Судии на „мајсторката“ беа Саша Пукл, Дамир Јавор и Томислав Хордов, а само последниот засега е без задача во финалето.
На првиот меч, главен ќе биде Саша Пукл, а со него во тројката се уште Миливоје Јовчиќ и Лука Кардум. На вториот дуел, кој е на програмата в среда, судиската екипа ќе ја предводи Дамир Јавор со кого ќе бидат ангажирани Урош Обркнежевиќ и Милош Кољеншиќ.
Сето ова е уште еден циркус во режија на АБА која повеќе пати оваа сезона покажа тотален аматеризам на сите полиња. Точно е дека кругот на достапни судии не е голем бидејќи Белошевиќ не може да суди поради здравствени проблеми, а Урош Николиќ ќе биде во странство во следниот период, но делува смешно кога се признаваат грешки на арбитрите, а потоа тие немаат никаква одговорност и повторно се делегирани и тоа за најважните натпревари во сезоната.


