Неверојатен резултат е забележан викендов во една од кадетските лиги во Шпанија, во женска конкуренција.
Во рамките на втората кадетска лига на Галиција, екипата на Федеса ја победила Галогрин Наранха со 188-0. Социјалните мрежи и тамошните медиуми буквално експлодираа по ваквиот исход, обвинувајќи ги како поразените, така и победниците бидејќи немало потреба толку да настојуваат да го понижат противникот. Федеса во првата четвртина постигнала 58, во втората 48, а во третата и четвртата по 41 поен. Од статистиката може да се забележи дека се постигнати само две тројки, сите останати кошеви се реализирани од полудистанца или од рекетот.

Федеса е една од најпрестижните академии во тој дел од Шпанија и речиси редовно е сервис на поголемите клубови. Во овој случај, против неа се свртеа и некои од најпознатите тренери, кои сметаат дека во конкуренција на кошаркарки на 14 и 15 години, ваков исход не е добар ни за нив бидејќи натпревари во оваа конкуренција служат за играчите да научат нешто, а во овој случај не научиле ни едните, ни другите.


