Рокот за регистрирање нови играчи во Евролигата трае до 7 февруари, а Црвена Звезда сака да го искористи максимално и да донесе уште едно големо засилување.
Српските медиуми тврдат дека во Белград на преговори вечерва допатувал поранешниот играч на Реал Мадрид, Треј Томпкинс. Со „кралскиот клуб“ освои еден куп трофеи, вклучувајќи и еден во Евролигата, за седумте сезони колку што беше негов член, лани играше во Зенит, а од летоска е слободен играч бидејќи му истече договорот со рускиот клуб. Својата професионална кариера ја почна во Лос Анџелес Клиперс, но не се прослави таму бидејќи за две сезони настапи на само 24 натпревари со симболичлна минутажа.
Прашање е дали и играч како Томпкинс може во овој момент да ѝ помогне на Звезда во Евролигата имајќи предвид дека на девет кола пред крајот, шансите за пласман во плејофот се само симболични. Веројатно Томпкинс ќе има поголемо значење во АБА каде Звезда атакува на шампионската титула и не сака да дозволи сценарио како ланското кога Партизан ѝ ја прекина доминацијата.
Сепак, во моментов само се водат преговори, а дали ќе дојде до договор ќе се знае во следниот период.


