Црвена Звезда ја прекина мини-серијата од два пораза откако вечерва на домашен терен буквално го растури германскиот првак Баерн.
Белградскиот тим славеше со 101-77 во своето најдобро издание оваа сезона во Евролигата. Освен тоа што првпат сезонава ја проби границата од 100 поени во елитното натпреварување, успеа да му нанесе тежок пораз на најефикасниот тим во досегашниот дел од сезоната, на огромно задоволство на околу 20 илјади гледачи во белградската Арена.
Неверојатно звучи податокот дека третата четвртина ѝ припадна на Звезда со 29-10 и тогаш беше создадена клучната предност за големиот триумф. Баерн не личеше на себе и го доживеа највисокиот пораз оваа сезона, сметајќи ги сите натпреварувања. Интересно е тоа што Баерн досега има четири порази во Евролигата, а два од нив доживеа во белградската Арена каде минатиот месец загуби од Партизан.
Петрушев одигра извонреден натпревар, постигнувајќи 25 поени, 5 скока и 3 асистенции, Даум додаде 16, а Добриќ 15, но огромен придонес во победата имаше ветеранот Милош Теодосиќ иако тоа можеби не се гледа во статистиката. Искусниот плејмејкер на теренот помина само шест минути, сите во втората четвртина, влезе при негатива на неговиот тим од 26-28, а за краткиот период постигна четири поени и оствари четири асистенции, додека Звезда направи серија од 16-2 и отиде на високи 42-30. Букер со 14 поени беше најефикасен во тимот на Баерн.
Со оваа победа Звезда остана во плејин зоната со биланс 6/6 колку што имаат и Реал Мадрид и Олимпија Милано. Баерн падна на четвртото место со 8/4.


