Само два дена по поразот во финалето од Купот на Македонија, репрезентативецот Амар Хот го напушти Пелистер и се врати во својот роден град.
Крилниот играч од денеска е член на Вардар каде ќе биде голем адут во борбата за опстанок во елитната конкуренција. „Црвено-црните“ со него потпишаа договор до крајот на сезоната и ќе се обидат да изборат уште една сезона во Првата лига откако неодамна ангажираа и странско засилување во Делазарус Кис.
Хот за Пелистер настапи на 14 натпревари во прволигашката конкуренција и просечно постигнуваше по 6,9 поени и 6,1 скок со индекс 8,2. Во битолскиот тим се пресели пред почетокот на оваа сезона од Феникс каде ги помина младинските категории и дебитираше во сениорска конкуренција.
Вардар во моментов е на последната позиција на табелата со биланс 3/14, колку што имаат и Кожув и Охрид, но до крајот на основниот дел остануваат уште пет кола од основниот дел на првенството и потоа веројатно шест од плејаутот. Исклучително важен ќе биде веќе следниот натпревар во кој „црвено-црните“ ќе го пречекаат конкурентот за опстанок Кожув.


