Најтрофејниот руски клуб ЦСКА го освои трофејот во Суперкупот од ВТБ лигата откако во финалето го совлада Уникс со 87-72.
За московскиот тим ова е втор трофеј во Суперкупот, а ја прекина доминацијата на Зенит кој претходните две години го освојуваше трофејот во тоа натпреварување. Дилеми околу победникот воопшто немаше бидејќи ЦСКА ја доби првата четвртина со 22-9, а потоа мирно ја одржуваше предноста.

Алекса Аврамовиќ и Каспер Вер беа најефикасни во победничкиот тим со по 15 поени, а српскиот репрезентативец беше прогласен за МВП на турнирот. Третото место го освои Зенит кој ја победи Црвена Звезда со 83-70, а петти е Локомотив Кубан по триумфот против Бешикташ со 97-96 по продолжение.


