Словенечкиот шампион Олимпија на неславен начин ја заврши катастрофалната сезона во Еврокупот во која оствари само една победа на 18 натпревари.
Во последното коло, Олимпија доживеа тотален дебакл од Париз со 66-119 што секако е еден од најтешките, ако не и најтежок пораз на европска сцена во историјата на клубот. За францускиот тим овој натпревар немаше никакво значење бидејќи одамна го обезбеди првото место во групата и директниот пласман во четвртфиналето од Еврокупот, но одигра максимално ангажирано и дојде до 17. победа во 18. меч.
Македонскиот репрезентативец Ти Џеј Шортс повторно беше еден од најдобрите на теренот. За само 22 минути во игра постигна дабл дабл со 11 поени и 12 асистенции, а ако играше уште некое време, веројатно ќе дојдеше и до трипл дабл затоа што оствари уште пет асиистенции.
Како директен учесник во четвртфиналето, Париз ќе го чека подобриот од пресметката меѓу Улм и Хувентут. Вториот македонски репрезентативец во Еврокупот, Итан Хап не играше за Гран Канарија во поразот од Будуќност (77-90), па шпанскиот тим го освои третото место во својата група и ќе игра осминафинале со Бешикташ. Во осминафиналето се игра во еден натпревар, а дуелите од оваа фаза се закажани за 5 и 6 март.


