Еден од најдобрите шутери во историјата на НБА лигата, Клеј Томпсон по 13 години го напушта Голден Стејт Вориорс и, како што тврдат американските медиуми, ќе се пресели во Далас Маверикс.
Со тимот од Калифорнија, Томпсон освои четири шампионски титули во што имаше огромен придонес со својата игра пред се во нападот. Да не беше повредата во 2019 година, можеби колекцијата ќе беше дополнително збогатена, но и вака, Томпсон остави длабока трага во историјата на Вориорс. Со неговото заминување се растура фамозното трио Кари-Грин-Томпсон кое учествуваше во остварувањето на најголемите успеси во историјата на франшизата.
Според медиумите во САД, тој договорил тригодишна соработка со актуелниот вицешампион во НБА за вкупна сума од 50 милиони долари со тоа што последната сезона е опционална, во зависност од желбите на Томпсон. Во замена за него, Далас во Голден Стејт ќе го испрати Џош Грин кој подоцна ќе биде трејдуван во Шарлот. Томпсон имал финансиски подобри понуди, но го избрал Далас поради поголемите шанси да дојде до петтата титула во својата кариера.
Со трејдот на Томпсон, може да се каже дека Далас ќе биде најголем фаворит за шампионската титула претстојната сезона, а Лука Дончиќ ќе ја добие потребната помош во нападот. Можеби ефектот на Словенецот ќе опадне, но шансите Мавс да ја освојат втората титула во својата историја сигурно ќе пораснат.

