Со големо дерби и реприза на финалето од минатата сезона, вечерва ќе заврши 18. коло од кошаркарската Суперлига.
Предизвикувачот ТФТ ќе биде домаќин на актуелниот шампион МЗТ Скопје, но нивниот дуел ќе се одигра далеку од главниот град и покрај тоа што двата клуба се од него. Поради згуснатиот распоред и презафатеност на објектите во Скопје, ТФТ одлучи овој натпревар да се игра денеска од 17 часот, во спортскиот комплекс НБ Ноел во Негорски Бањи, каде своевремено настапуваше поранешниот финалист во Купот, Блокотехна, а летоска се подготвуваше македонската репрезентација.
Пред денешното дерби, разликата меѓу ланските финалисти изнесува еден бод во корист на ТФТ што значи дека овој меч директно одлучува кој ќе го освои првото место на крајот од основниот дел од сезоната и најверојатно ќе влезе како лидер во првиот дел од плејофот (топ-6) со оглед на тоа што до крајот остануваат уште четири кола. Ако победи ТФТ, ќе направи предност од два бода, додека со триумф на МЗТ Скопје, шампионот ќе се израмни и секако ќе остане фаворит во финалните четири кола.
МЗТ Скопје сезонава нема пораз на терен во македонската Суперлига, единствениот неуспех го доживеа поради административна грешка во дуелот со Ангели кој го чинеше два бода и пад од лидерската позиција. ТФТ не е совладан како домаќин, но првпат ќе биде во ваква улога надвор од Скопје. Тимот од Тафталиџе во вторник го очекува настап во плејофот од АБА 2 лигата, против Златибор, а единствениот пораз сезонава го доживеа токму од својот денешен противник, во „Јане Сандански“.


