Од кандидат за шампионската титула до екипа што не успеа да влезе во плејофот – тој пат го изоде Далас Маверикс во период од само два месеца.
Ноќеска тимот од Тексас загуби на гостувањето кај Мемфис со 106-120 и официјално ја заврши својата сезона, веќе во средината на април иако лани беше учесник во големото финале. Излезе дека трејдот на Лука Дончиќ не беше баш паметна работа, без разлика што за него Далас доби извонреден играч во Ентони Дејвис.

Како ќе се одвива натпреварот беше јасно уште во првата четвртина во која Мемфис направи предност од 15 разлика, а на почетокот од вториот квартал таа се искачи и на 25. Во раната фаза од мечот се повреди Дејвис, но тоа не го спречи да остане на теренот и да биде најдобар играч во својот тим, за жал, без тоа да се валоризира на крајот. Во третата четвртина Далас се доближи на само седум поени негатива, но Гризлис брзо потоа отиде на +18 и ги реши сите дилеми околу победникот.
Дејвис постигна 40 поени и 9 скока, недоволни за триумф на Далас, додека триото на Мемфис, Џексон-Бејн-Морант заедно реализира 69 поени. Во првата рунда од плејофот, екипата од Тенеси ќе се сретне со Оклахома која беше најдобра во основниот дел од сезоната. Далас стана само петти финалист во последните 25 години кој не успеал следната сезона да се пласира во плејофот.
Пласман во разигрувањето обезбеди и Мајами кој со 123-114 по продолжение ја победи Атланта и си обезбеди дуел со Кливленд.


