Малку недостасува Дамјан Стојановски да стане апсолутен рекордер во сите параметри во македонската кошарка.
Денеска го освои петтото МВП признание со што е убедливо најдобар, а во исто време стигна до својата деветта шампионска титула во домашниот шампионат. Пред него се само неговиот повозрасен брат Огнен и Марјан Ѓуров, но Дамјан стана ко-рекордер во еден друг сегмент.
Тој денеска се израмни со Горан Веселиновски со девет шампионски титули, но разликата во однос на Горан Самарџиев и Ѓорѓи Чековски кои имаат исто така по девет и гореспомнатите Марјан Ѓуров и Огнен Стојановски е во тоа што Дамјан и Веселиновски сите трофеи ги освоија со иста екипа. Стојановски од 2013 до денеска девет пати триумфираше со МЗТ Скопје, додека Веселиновски го оствари истиот успех од 1998 до 2009 година со Работнички.
Сите останати, своите титули ги освоија со најмалку две екипи, а Огнен Стојановски со три – Работнички, Фени Инудстри и МЗТ Скопје.


